Лоши вести за Реал Мадрид во потерата по Нејмар

Реал Мадрид веќе не го ни крие фактот дека сака да го види Нејмар во своите редови, а и Бразилецот очигледно не е премногу приврзан за ПСЖ и со тоа само ги разгорува шпекулациите. 

Пред извесно време се појави информација, дека Нејмар во својот договор со „светците“ има откупна клаузула од „само“ 300 милиони евра. Тоа значи дека ако некој клуб понуди ваква сума за неговите услуги, ПСЖ не може да одбие и за да се реализира трансферот ќе треба согласност само од фудбалерот.

Француските медиуми веднаш ја истражија информацијата и открија дека најскапиот фудбалер на светот нема откупна клаузула во договорот со ПСЖ. На оваа тема во јавноста излезе и извршниот директор на Француската фудбалска федерација, Дидие Кило, кој вели дека нема никаква клаузула во договорот на Нејмар, бидејќи тие се нелегални во оваа земја.

„Во неговиот договор, кој е регистриран во лигата и е официјален, нема откупна клаузула. Како второ, било какви откупни клаузули во францускиот фудбал се нелегални“, изјави Кило.

Тоа значи дека Реал Мадрид, но и останатите заинтересирани клубови, како Манчестер јунајтед, прво треба да преговараат со ПСЖ за да го добијат Нејмар. Со оглед на фактот дека го купија за 222 милиони евра минатото лето, тешко дека „светците“ така лесно би се откажале од неговите услуги.