Штип влезе во победничка серија, го доби и Скопје!

Eкипата на Штип дојде до нова победа во Суперлигата и пред својата публика го совлада актуелниот вицешампион Скопје со 103-94 и на тој начин влезе во серија од три триумфи во низа.

Натпреварот Штип го одлучи во последната четвртина кога на стартот резултатот беше изедначен 73-73. Тука следуваше серија на домаќините од осум поени по која гостите од Скопје не успеаја да се вратат во мечот.

Така Скопје кој минатата сезона беше вицешампион продолжи со лошите резултати и по седум натпревари тие се последни на табелата со само еден триумф и шест порази.

Штип од друга страна скокна до шестата позиција со три триумфи и четири порази по седум кола. Одличен денеска беше Јоркол Пел со 38 поени, пет асистенции и четири скока, зад него беше Камерон Хамитлон со 18 поени, додека на спротивната страна не помогнаа настапите на Колин Паркер и Камерон Џонс кој дуелот го завршија со дабл-дабл од 29 поени и 14 скока, односно 23 поени и 11 асистенции.