Скандал во Формула 1: Новинар го нарече Леклер „копиле“ и остана без акредитација

Британскиот весник „Дејли Мејл“ донесе одлука да ги бојкотира последните три трки од сезоната во Формула 1, откако Меѓународната автомобилска федерација му ја одзеде акредитацијата на долгогодишниот новинар Џонатан Мек Евој.

Одлуката на весникот е директна реакција на потегот на ФИА, која го санкционираше новинарот поради навредливите коментари на сметка на возачот на Ферари, Шарл Леклер. Мек Евој, кој повеќе од две децении ја следи Формула 1, во својата колумна објавена на 4 ноември го нарече возачот на Ферари „злобно мало копиле“.

Поради ова, „Дејли Мејл“ во петокот соопшти дека нема да испраќа новинари на трките за Големата награда на Лас Вегас, Катар и Абу Даби. Весникот најави и дека нема да присуствува на прес-конференциите до крајот на сезоната 2026.

Контроверзните коментари на Мек Евој следуваа по инцидентот на Големата награда на Мексико, кога Леклер и неговиот тимски колега Луис Хамилтон се бореа за водечката позиција уште во првиот круг.

Двајцата возачи излетаа од патеката во четвртата кривина, а Леклер преку тревата се врати на асфалтот пред својот ривал. Макс Верстапен ја искористи ситуацијата, го мина Хамилтон и се проби на втората позиција.

Возачот на Ферари подоцна доби казна од пет секунди поради стекнување предност со напуштање на патеката, но инцидентот продолжи да предизвикува реакции и по завршувањето на трката.