„Против Шкотска немавме среќа, со Словенија треба уште подобро“

Дарко Чурлинов со позитивна енергија се врати во македонската фудбалска репрезентација и со нетрпение го очекува претстојниот предизвик против Словенија.

Офанзивецот жали што поради претходните околности не можеше да му помогне на националниот тим на првите четири натпревари од Лигата на нации, но сега повторно е на располагање и верува дека Македонија може да стигне до посакуваниот резултат.

Чурлинов смета дека Македонија оставила добар впечаток на гостувањето кај Шкотска, иако останува жал за пропуштените можности и резултатот кој, според него, можел да биде поинаков. Сепак, во пресрет на дуелот со Словенија, порачува дека репрезентативците мора да го подигнат нивото на игра и доследно да ги исполнат барањата на селекторот Гоце Седлоски.

„Ме радува тоа што сум повторно во репрезентацијата, ми е жал што не можев да настапам на претходните четири натпревари. Во Шкотска одигравме добро и имавме шанси за подобар резултат, но среќата не беше на наша страна. Против Словенија мораме да одиграме уште подобро и доколку го направиме она што селекторот ќе го побара од нас, верувам дека резултатите ќе дојдат сами по себе и сè ќе биде како што треба“, порача Чурлинов.

Македонската репрезентација е во серија од пет порази и без бод на последното место на табелата во групата 1 од Б-Лигата на нации. Последна шанса да се поправи впечатокот ќе биде утрешниот меч против Словенија во Скопје.