Седлоски: Мораме поофанзивно, очекуваме победа против Словенија
Македонија ја очекува нов сериозен предизвик, а по претходниот дуел со Шкотска, селекторот смета дека неговите фудбалери покажале дека можат рамноправно да се надигруваат и со поквалитетни противници. Сепак, сега фокусот е насочен кон освојување на трите бода.
„Против Шкотска покажавме дека можеме да се носиме и со такви репрезентации. Резултатот не беше заслужен, особено ако се земат предвид последните 20 минути, во кои покажавме дека можеме многу повеќе. Словенија е компактна екипа, која добро се брани и има квалитетна транзиција. На тие работи мора да внимаваме. Треба да го зголемиме ритамот и верувам дека играчите ќе бидат подготвени да покажат карактер. Сите очекуваме да стигнеме до трите бода“, истакна Седлоски.
Предводникот на националниот тим посакува отворен натпревар во кој Македонија ќе може да ги искористи своите офанзивни квалитети, но нагласува дека реализацијата ќе биде особено важна. Тој најави дека е можно да има одредени промени во почетниот состав, пред сè поради заморот кај дел од репрезентативците. Конечната одлука ќе ја донесе по последниот тренинг.
„Ние треба да се гледаме самите себе и да размислуваме како ќе настапиме. Нека биде отворен натпревар со многу шанси и нека победи подобриот. Подготвени сме, можеби ќе има две-три промени во тимот поради умор, но кој и да биде на теренот ќе го даде максимумот. Играчите полека ги прифаќаат моите барања и верувам дека ќе бидеме подобри“, порача селекторот.
Тој потенцираше дека Македонија мора да покаже поголема иницијатива од самиот почеток и да биде поефикасна пред противничкиот гол.
„Мора да тргнеме поофанзивно. На гостувањата покажавме дека создаваме шанси, но кога ќе добиете две-три добри можности, мора да ги искористите. Во спротивно, противникот ве казнува. Словенија е квалитетна репрезентација, добро се брани, ја гледав и на натпреварот против Швајцарија“, заврши Седлоски.
Утрешниот натпревар за Македонија нема никакво резултатско значење бидејќи секако ќе заврши на последното место во групата. Од друга страна, Словенија е во борба за второто место кое носи бараж за пласман во А-дивизијата и ќе има свои мотиви да стигне до триумф во Скопје.