Халанд за првпат се огласи за скандалот на Сити: Тешко ми е да зборувам на таа тема
Норвешкиот напаѓач зборуваше за „ТВ 2 Спорт“ по победата на својата репрезентација над Велс (-3-1), на која постигна гол и запиша асистенција.
„Тешко ми е да одговорам на тоа прашање. Станува збор за правен спор“, изјави Халанд, потсетувајќи дека обвиненијата се однесуваат на периодот пред неговото пристигнување во клубот.
„Тоа се однесува на периодот од 2009 до 2018 година. Тогаш играв за Брине. Дали треба да продолжиме?“, се пошегува норвешкиот голгетер.
Халанд нагласи дека станува збор за спор меѓу Премиер лигата и Манчестер Сити и дека не сака да коментира нешто за кое нема доволно информации.
„Не се занимавав премногу со тие обвиненија. Фокусиран сум на добрите настапи за Манчестер Сити. Потпишав петгодишен договор во 2022 година, а на крајот на 2024 година ја продолжив соработката за уште девет и пол години. Среќен сум во овој клуб“, порача напаѓачот.
Манчестер Сити се соочува со вкупно 115 обвиненија за прекршување на финансиските правила, кои се однесуваат на периодот од 2009 до 2018 година. Меѓу нив се наводите за неточно прикажување на спонзорските приходи, како и неправилности поврзани со исплатите на тогашниот менаџер Роберто Манчини.
Конечната казна сè уште не е позната, а во најлошото сценарио англискиот шампион би можел да биде исфрлен од Премиер лигата. Манчестер Сити ја оспорува постапката, а завршувањето на жалбената постапка се очекува до јануари 2027 година.