„Гаштаров е уникат како Деклан Рајс и Фабињо – има сè што треба да стане македонска икона“

Фудбалскиот скаутинг портал „Football Talent Scout“, во својата рубрика „Талент на неделата“ посвети посебно внимание на македонскиот фудбалер Матеј Гаштаров, кој настапува за Црвена Звезда.

Порталот има исклучително позитивна оценка за потенцијалот на младиот македонски репрезентативец кој токму денес го слави 20-тиот роденден, опишувајќи го како еден од најдобрите фудбалери кои во моментов настапуваат во српската Суперлига.

Во анализата тие го опишуваат Гаштаров како фудбалер со уникатен профил и голем потенцијал, кој еден ден би можел да стане вистинска македонска фудбалска икона. За Гаштаров според анализиата најдобро одговара формацијата 4-3-3, а неговиот стил на игра го споредуваат со Бразилецот Фабињо и Деклан Рајс од Арсенал.

Како најголеми квалитети на Гаштаров се истакнува одличната визија и пас игра, техниката за чувство и простор храброста, работната етика, физичките предиспозиции и добрата подвижност.

Скаутите сметаат дека може да игра како класичен дефанзивен играч за врска, но и во поофанзивна улога со изразени карактеристики на „бокс-ту-бокс“ фудбалер.

Каде што има простор за напредок тие ја посочуваат физичката сила, агресивноста и подобрата скок игра во воздушните дуели. Се наведува и дека треба да го подобри предвидувањето на противничките потези и времето на реакција во одбранбените задачи.

Комплетната оценка која му се доделува на македонскиот репрезентативец е 8.5 од 10.