Реал не се откажува од златната резерва на Куртоа

Реал Мадрид нема намера да се откаже од услугите на Андреј Лунин, и покрај тоа што украинскиот голман најчесто ја има улогата на резерва зад Тибо Куртоа.

Според информациите од шпанските медиуми, мадридскиот клуб во неколку наврати добил понуди за 27-годишниот чувар на мрежата, но ги одбил, бидејќи го смета за идеална замена за белгискиот репрезентативец.

Лунин во летните преодни рокови во 2024 и 2025 година размислувал за заминување од „Сантијаго Бернабеу“, со желба да добие поголема минутажа и редовно да биде прв голман. Сепак, ниту една понуда не го убедила да ја напушти шпанската престолнина, па на крајот одлучил да остане и потпиша нов договор до 2030 година.

Украинецот има голема самодоверба и верува дека може да одговори на највисоко ниво секогаш кога ќе добие шанса. Воедно, не се смета за послаб голман од Куртоа, иако е свесен дека Белгиецот има посебен статус во тимот.

Лунин неодамна доби можност да застане меѓу стативите во големото дерби против Барселона и целосно ја оправда довербата. Имаше шест одбрани во победата на Реал од 2-1 на „Камп Ноу“, играјќи важна улога во големиот триумф на мадриѓаните.

Сепак, со закрепнувањето на Куртоа, украинскиот голман повторно се очекува да се врати на клупата за резервни играчи. И покрај тоа, во Реал сметаат дека неговото присуство е исклучително важно, бидејќи имаат голема доверба во неговите квалитети и не сакаат да останат без сигурна алтернатива на белгискиот голман.

Лунин пристигна во Реал во 2018 година, а договорот што го потпиша во септември 2024 година го обврзува со клубот до 30 јуни 2030 година.