Вардар во Нант по прва победа во Лигата на шампионите
Иако Вардар досега не успеа да се израдува на триумф и ги зауби шансите за пласман во главната фаза од елитното натпреварување, неговите настапи покажаа дека може да им парира и на поквалитетните европски ривали. Тоа најдобро се виде и на првиот дуел со Нант во Скопје, кога македонскиот тим беше на чекор до позитивен резултат, но на крајот загуби со минимални 32-33.
Од друга страна, Нант во минатото коло покажа дека е во добра форма, совладувајќи го Мелсунген со убедливи 33-25. Французите ќе ја имаат предноста на домашниот терен, но Вардар ќе се обиде да ја искористи секоја можност за изненадување. Добра вест за тренерот Иван Чупиќ е враќањето на Урош Митровиќ, кој ја одработи суспензијата од четири натпревари и вечерва за првпат сезонава ќе може да настапи во Лигата на шампионите. Во составот повторно ќе биде и Марио Стојановски, но Вардар ќе мора да се снаоѓа без Мохаб Абделхак, кој има здравствени проблеми, и Махамаду Кејта, кој поради вироза не отпатува со екипата.
Чупиќ е свесен дека неговиот тим го очекува тешка задача, но од играчите бара многу повеќе од добар впечаток. Според хрватскиот стратег, Вардар мора да покаже вистински гард, став и борбеност, без оглед на противникот и резултатот.
„Не сакам да размислуваме дека само добро издание и добар впечаток ќе бидат доволни. Во Нант мора да се бориме, да покажеме вистински гард и вистински став, како и секогаш досега. Тоа никогаш не смее да изостане“, порача Чупиќ.
И Урош Митровиќ со нетрпение го очекува враќањето на европската сцена. По паузата од месец и половина, ракометарот повторно е подготвен да помогне и најавува дека Вардар нема да се откаже од борбата за победа.
„Желбата остана тука, не замина. Секогаш се подготвував за овие натпревари во Лигата на шампионите и ја чекав својата шанса. Конечно, по месец и половина, ми истече казната од четири натпревари и сега можам да играм и да ѝ помогнам на екипата“, истакна Митровиќ.
Иако шансите за продолжување во следната фаза од Лигата на шампионите веќе се загубени, тоа не значи дека Вардар ќе ја намали мотивацијата. Напротив, „црвено-црните“ сакаат да покажат дека можат да се носат со европската конкуренција и да ја вратат самодовербата пред продолжението на сезоната.