Беше европски шампион со Реал и Шпанија, сега во Втора лига не може да постигне гол!
Искусниот фудбалер во досегашните седум настапи одигра 434 минути без да ја затресе противничката мрежа, а кризата дополнително се продлабочи откако заработи исклучување на натпреварот против Кордоба. Поради овој црвен картон, Мората ќе го пропушти претстојниот саботен дуел против Мајорка, што отвора бројни прашања во шпанските медиуми за формата на напаѓачот од кого се очекуваа големи работи.
Тој средбата против Кордоба ја започна од клупата за резерви, но неговата огромна желба за игра брзо се претвори во нервоза на теренот. Првиот жолт картон го доби по конфликтот со Исма Руиз, обидувајќи се да спречи одолговлекување на играта, за набрзо потоа да заработи и втора јавна опомена поради приговор кон главниот судија Едер Маљо Фернандез. И покрај тоа што сè уште нема постигнато гол, неговата посветеност не е доведена во прашање. Тој ужива поддршка од поголемиот дел од навивачите иако веќе се слушнаа и првите свирежи.
Неефикасноста на Мората е само дел од поголемиот проблем на Леганес, екипа која има четири последователни порази без ниту еден постигнат гол. Тактичкиот систем на поранешниот тренер Рубен Албес не му одеше во прилог на напаѓачот, бидејќи често мораше да се оддалечува од казнениот простор и не добиваше квалитетни топки во завршницата. И покрај лошите резултати, Албес цврсто стоеше зад својот играч кога се појавија првите критики.
„Ако сега мораме да го доведуваме Мората во прашање... мислам дека работите целосно се извртени“, изјави поранешниот тренер на Леганес.
Враќањето во Мадрид за Мората требаше да значи стабилност во средина каде што ќе биде ценет, особено со оглед на фактот дека најубавите денови од кариерата ги мина токму во овој град играјќи за Реал Мадрид (31 гол на 95 натпревари), со кој освои две титули во Ла Лига и две во Лигата на шампионите, додека пред две години стана и европски првак со шпанската репрезентација.