Фаворитите се соочија со тешкотии, нова победа за ШК Алкалоид

Четвртата рунда на Европскиот клупски куп во шах донесе сериозни предизвици за голем дел од фаворитите, но македонскиот шампион ШК Алкалоид успеа да ги надмине пречките и да остане во елитното друштво од само четири екипи кои имаат максимални осум бода на врвот на табелата.

Интернационалниот тим на фармацевтите беше ставен на исклучително тежок тест во дуелот против седморангираниот носител Ашдод од Израел, кој на крајот беше успешно надминат благодарение на виртуозноста на одредени табли и сигурноста што ја донесе враќањето на Јангји Ју по неговото почетно отсуство од здравствени причини.

Капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Влатко Богдановски, детално ја анализираше драматичната пресметка, посочувајќи ги клучните моменти кои го одлучија победникот и потенцирајќи ја потребата од подобра игра на пониските табли во пресрет на финишот од турнирот.

„Тешко извојувана победа во меч со драматични моменти, во кој противникот имаше почетна предност. Александар Инѓиќ на петтата табла стартуваше со грешка во раниот дел на партијата, поради која поразот беше неминовен, иако ги имаше белите фигури и беше една од надежите за сигурна победа. Наспроти тоа, на првите три табли освоивме 2,5 поени: Еригаиси го намачи Елјанов, но искусниот украински шахист успеа да се избори за реми, додека, пак, Веи и Ју забележаа фантастични победи на втората и на третата табла, во комплицирани позиции и со врвно ниво на игра. Поради поразот на Пураник на четвртата табла, мечот го реши разиграниот Ивиќ со победа на шестата табла. Овие први индивидуални порази укажаа на тоа дека веќе влегуваме во финишот на турнирот, каде што секоја партија има извонредно значење на патот кон освојување нов медал, при што се наметнува и потребата од зацврстување на играта на пониските табли“, изјави Богдановски.

Следен предизвик за ШК Алкалоид ќе биде соочувањето со повеќекратниот европски шампион Нови Бор од Чешка, тим против кој македонскиот претставник лани забележа победа во меѓусебниот дуел за освојување на второто место. Чешкиот тим, заедно со романскиот СуперЧес, во ова коло забележаа победи во тешки мечеви против екипи од Израел и Азербејџан, но ја загубија почетната перфекција на таблите. Ова коло донесе изненадувања и кај другите фаворити, па така прворангираниот Бајеган Пендик од Турција ремизираше 3-3 со шестиот носител Електропривреда од Црна Гора, а со идентичен резултат заврши и дуелот меѓу петтите носители Нагиканижаи од Унгарија и Екс ен Провенс од Франција. Најголемото изненадување го приреди словачкиот тим ШК Церо Инвест Нитра кој го совлада израелскиот Бер Шева, со што си обезбеди дуел против СуперЧес во следната рунда.

Вториот македонски тим, ШК Мулти Есенс, кој е 43. екипа според просечниот рејтинг, не успеа да направи изненадување против 19. носител од Шведска, тимот на Рокаден, претрпувајќи пораз од 2-4. Капитенот на тимот, ВМ Трајко Недев, истакна дека шведскиот состав не оставил простор за сензација, иако македонските шахисти пружиле силен отпор на повеќе табли.

„Шведскиот тим се покажа како исклучително цврст противник и не ни даде шанса да се надеваме на сензација. Ристески и Панчевски успеаја да го издржат притисокот на првите две табли, додека, пак, на третата и на четвртата Лазов и Јорданов, во исклучително остри позиции, не успеаја да го направат истото, па ги загубија мечевите. Ефтовски на петтата табла стартуваше со тешка позиција, но продолжи фајтерски и се избори за реми. Можеби единствената шанса за победа се укажа на шестата табла на која Жежовска имаше солидна позиција, но недоволната прецизност на крајот доведе до уште една поделба на поенот“, рапортираше Недев.

Во петтото коло, шахистите на ШК Мулти Есенс ќе се обидат да се вратат на победничките патеки во дуелот против финскиот клуб Етела Вантаан, кој се наоѓа на 71. место според стартниот просечен рејтинг на играчите.