Сезоната во НБА почна со тепачка: Фокс го фрли Холмгрен на паркет, се вклучи и Вембанјама (ВИДЕО)

Жесток инцидент го одбележа дербито меѓу Сан Антонио и Оклахома Сити на стартот на новата НБА-сезона. Диерон Фокс го собори Чет Холмгрен на паркетот, по што настана општ метеж, а Виктор Вембанјама и уште тројца кошаркари добија технички грешки.

Сè се случуваше во втората четвртина, кога Фокс влезе во физички дуел со Холмгрен под кошот. Кошаркарот на Сан Антонио го повлече центарот на Оклахома и го собори на паркетот, предизвикувајќи бурна реакција кај неговите соиграчи.

Џејлин Вилијамс веднаш се вмеша за да го одбрани Холмгрен, по што тензиите дополнително ескалираа. Во мешаницата се вклучи и Вембанјама, кој влезе во туркање со Вилијамс, а набргу потоа се вмешаа и други кошаркари од двата тима.

Судиите мораа да интервенираат за да ги разделат разлутените играчи и да спречат инцидентот да прерасне во поголема физичка пресметка. По прегледувањето на снимката, Фокс доби неспортска грешка од прв степен, додека Вембанјама и Џејлин, Џејлен и Кенрич Вилијамс беа казнети со технички грешки.

Инцидентот уште еднаш покажа колку е напнато ривалството меѓу двата тима, кои се сретнаа во финалето на Западната конференција минатата сезона. Ниту неколкумесечната пауза не ги смири страстите меѓу конкурентите, кои очигледно повторно ќе водат жестока битка.