Флик: Подготовката за ПСЖ ни беше ужасна, ама ова е пораз што не боли

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, призна дека неговиот тим не се подготвил на посакуваното ниво за дуелот со актуелниот европски шампион ПСЖ, посочувајќи ги физичкиот пад во финишот и серијата непромислени грешки како главни причини за проблемите на каталонскиот тим.

Флик смета дека Барселона има за што да жали, но истовремено призна дека ПСЖ уште еднаш покажа зошто во моментов се смета за еден од најдобрите тимови во светот.

„Направивме многу добри работи против актуелниот европски шампион. ПСЖ вечерва покажа зошто се смета за можеби најдобриот тим во светот во овој момент. Можеме многу да научиме од овој натпревар. Одиме понатаму“, порача германскиот стратег.

Тој откри и дека подготовката за натпреварот не поминала според планираното, поради проблеми со патувањето и доцнењето на враќањето во Барселона.

„Тоа не е оправдување, но воопшто не се подготвивме добро за овој натпревар. Немавме соодветни услови, бевме принудени подолго да останеме во Севиљја, доцна се вративме дома, а потоа ни доцнеше и летот за Париз. Сето тоа има свое влијание“, објасни Флик.

Тренерот на Барселона посебно ги критикуваше грешките во одбраната, нагласувајќи дека против екипа од калибарот на ПСЖ секој пропуст може скапо да чини.

„Вечерва правевме многу глупави грешки. Таквите грешки скапо ве чинат на вакви натпревари. Се надевам дека конечно ќе го сфатиме тоа и ќе го поправиме. Нивниот трет гол е типичен пример за лошо поставен блок. Им дозволувавме да шутираат од опасни позиции“, истакна германскиот тренер.

Дополнителен проблем за каталонците е физичкиот пад во завршницата, кога тимот очигледно немал доволно енергија да му се спротивстави на ритамот на противникот.

„Во последните 10 до 15 минути целосно паднавме физички и тоа многу се забележуваше. Немавме сила“, призна Флик.

Сепак, Флик имаше пофални зборови за младиот Чави Еспарт, кој одиграл одличен натпревар и постигнал гол.

„Чави Еспарт одигра врвен натпревар. Постигна гол и продолжува да игра на неверојатно високо ниво“, нагласи тренерот на Барселона.

И покрај разочарувањето, Флик порача дека овој пораз не е болен и дека има време да се надополнат бодовите, а со тоа да се обезбеди пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Целиот фокус на тимот е веќе ставен на претстојното Ел Класико кое се игра в недела на Камп Ноу.