Земјотрес во Англија: Државата насилно ќе го примора шеикот Мансур да го продаде Сити!?

Независниот фудбалски регулатор (ИФР) ќе има апсолутни овластувања да ги принуди сопствениците на Манчестер Сити да го продадат клубот доколку се утврди дека со него управувале на непрописен начин.

Ова го потврди Дејвид Коган, првиот човек на ова надзорно тело, во период кога англискиот шампион се соочува со сериозни обвинувања за финансиски малверзации. Претходно, независна комисија утврди дека Манчестер Сити ги прекршил правилата на Премиер лигата преку воспоставување на лажни спонзорства, со што во текот на девет сезони вештачки биле зголемувани приходите или намалувани трошоците за повеќе од 900 милиони фунти.

Коган истакна дека сè уште е рано да се зборува за конкретни потези на неговата организација, со оглед на тоа што клубот вложил жалба на првичната одлука. Сепак, тој децидно потврди дека ИФР има апсолутна моќ да го принуди сопственикот, шеикот Мансур, на продажба доколку се процени дека тоа е соодветна мерка, отфрлајќи ја можноста сопственикот да одбие да го продаде својот удел.

„Имаме овластувања да побараме од сопственикот да се повлече од клубот, доколку сметаме дека со него управува на начин кој не е соодветен, чесен или пропишан“, изјави Коган.

Зборувајќи за можноста ИФР да покрене сопствена истрага против Манчестер Сити, Коган повика на трпение и темелност во процесот.

„Нема да дозволам да бидам принуден да донесувам суд за ова пред да добиеме одговори на сите прашања. Дури тогаш ќе одлучиме дали ќе покренеме сопствена истрага, ќе донесеме заклучоци и ќе ги одредиме понатамошните чекори. Да се носат одлуки однапред би било огромна грешка“, потенцираше Коган.

Шефот на ИФР исто така најави дека ќе поднесе оставка доколку дојде до какво било политичко мешање во евентуалната истрага, поради стравувањата дека целиот случај може да прерасне во дипломатски проблем помеѓу Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати.

Паралелно со ова, финансиите на Манчестер Сити повторно се преиспитуваат и од страна на британското регулаторно тело за сметководство.