Вардар во Нант по прва победа во Лигата на шампионите

Ракометарите на Вардар вечерва го очекува нов европски предизвик бидејќи во петтото коло од групната фаза на Лигата на шампионите му гостуваат на француски Нант. Натпреварот во „Х Арена“ почнува во 20:45 часот, а „црвено-црните“ во Франција пристигнаа со јасна цел – да одиграат борбено, да покажат карактер и конечно да стигнат до првата победа во елитното натпреварување.

Иако Вардар досега не успеа да се израдува на триумф и ги зауби шансите за пласман во главната фаза од елитното натпреварување, неговите настапи покажаа дека може да им парира и на поквалитетните европски ривали. Тоа најдобро се виде и на првиот дуел со Нант во Скопје, кога македонскиот тим беше на чекор до позитивен резултат, но на крајот загуби со минимални 32-33.

Од друга страна, Нант во минатото коло покажа дека е во добра форма, совладувајќи го Мелсунген со убедливи 33-25. Французите ќе ја имаат предноста на домашниот терен, но Вардар ќе се обиде да ја искористи секоја можност за изненадување. Добра вест за тренерот Иван Чупиќ е враќањето на Урош Митровиќ, кој ја одработи суспензијата од четири натпревари и вечерва за првпат сезонава ќе може да настапи во Лигата на шампионите. Во составот повторно ќе биде и Марио Стојановски, но Вардар ќе мора да се снаоѓа без Мохаб Абделхак, кој има здравствени проблеми, и Махамаду Кејта, кој поради вироза не отпатува со екипата.

Чупиќ е свесен дека неговиот тим го очекува тешка задача, но од играчите бара многу повеќе од добар впечаток. Според хрватскиот стратег, Вардар мора да покаже вистински гард, став и борбеност, без оглед на противникот и резултатот.

„Не сакам да размислуваме дека само добро издание и добар впечаток ќе бидат доволни. Во Нант мора да се бориме, да покажеме вистински гард и вистински став, како и секогаш досега. Тоа никогаш не смее да изостане“, порача Чупиќ.

И Урош Митровиќ со нетрпение го очекува враќањето на европската сцена. По паузата од месец и половина, ракометарот повторно е подготвен да помогне и најавува дека Вардар нема да се откаже од борбата за победа.

„Желбата остана тука, не замина. Секогаш се подготвував за овие натпревари во Лигата на шампионите и ја чекав својата шанса. Конечно, по месец и половина, ми истече казната од четири натпревари и сега можам да играм и да ѝ помогнам на екипата“, истакна Митровиќ.

Иако шансите за продолжување во следната фаза од Лигата на шампионите веќе се загубени, тоа не значи дека Вардар ќе ја намали мотивацијата. Напротив, „црвено-црните“ сакаат да покажат дека можат да се носат со европската конкуренција и да ја вратат самодовербата пред продолжението на сезоната.