Црвена звезда го „врза“ Гаштаров до 2031 година!
Гаштаров е еден од младите фудбалери кои успеаја да се наметнат во првиот тим на Црвена звезда под водство на новиот тренер Алберт Риера. Неговите настапи во изминатиот период го убедија раководството дека вреди долгорочно да инвестира во неговиот развој, па со новиот договор соработката е продолжена за уште две години во однос на претходниот договор, кој важеше до 2029 година.
„Многу ми значи новиот договор. Многу работев за да бидам тука каде што сум сега и ова е остварување на сонот што го сонував уште од малечок. Сè се случуваше брзо, но верував во напорната работа и ја дочекав вистинската можност да покажам што знам. Пресреќен сум што сè се одвива на овој начин“, изјави Гаштаров по потпишувањето.
Македонецот нагласи дека новиот договор му претставува дополнителна мотивација за уште поголема работа и напредок.
„Новиот договор е уште поголем поттик да продолжам да работам, внимателно да ги слушам барањата на тренерот и да ги применувам на теренот за да бидам подобар од ден на ден. На секој тренинг давам сто проценти од своите можности. Добро ја започнав сезоната и планирам да продолжам во истиот ритам“, порача младиот фудбалер.
Гаштаров има 20 години, а во Црвена звезда пристигна во август 2024 година од Вардар. Во белградскиот клуб најпрво настапуваше во младинските категории, со кои ја освои шампионската титула, а потоа стекнуваше и сениорско искуство на позајмица во Борец од Чачак.
По враќањето во Белград, Гаштаров се избори за место во првиот тим и доби можност да се докажува на највисоко ниво. Неговата афирмација е значајна и за македонскиот фудбал, бидејќи станува збор за млад играч кој може да има важна улога во иднината на националниот тим.
Со договорот до 2031 година, Црвена звезда не само што ја потврдува довербата во квалитетите на Гаштаров, туку и ја зацврстува својата позиција во случај на интерес од други клубови. За македонскиот талент, пак, следува најважниот предизвик – да продолжи со добрите настапи и да го оправда укажаното доверба на теренот.