Зидан си ги избра соработниците - голманска легенда и познато лице од Реал!

Селекторот на фудбалската репрезентација на Франција, Зинедин Зидан, повторно ќе соработува со Фабиен Бартез, откако легендарниот голман денеска беше именуван за нов тренер на голманите во националниот тим.

Зидан и Бартез беа соиграчи во репрезентацијата на Франција која ја освои Светската титула во 1998 година, како и Европското првенство во 2000 година.

Бартез запиша 87 настапи за Франција, а последниот натпревар во репрезентативниот дрес го одигра во финалето на Светското првенство во 2006 година. На тој меч Зидан беше исклучен во продолженијата поради ударoт со глава кон италијанскиот дефанзивец Марко Матераци.

Педесет и петгодишниот Бартез во својата играчка кариера настапуваше за Тулуз, Олимпик Марсеј, Манчестер јунајтед и Монако.

Зидан за свој помошник го избра и Давид Бетони. Тој му беше асистент на Зидан и во Реал Мадрид, со кој актуелниот селектор на Франција освои три последователни титули во Лигата на шампионите, од 2016 до 2018 година.

На клупата со Франција Зидан ќе дебитира на 25 септември кога ќе гостува кај Турција во Лигата на нациите, додека три дена подоцна Французите ги чека и натпревар со Белгија.

Фото: Équipe de France de Football