Огромна шанса: Македонија и официјално влезе во трка за организација на ЕП 2034!
Она што претходно беше најавено како сериозна иницијатива сега доби и официјална форма, а трите федерации ќе се обидат да ја добијат довербата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за организација на континенталниот собир за осум години. Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, не го крие задоволството што Македонија е дел од овој амбициозен проект и потенцира дека нашата држава има ракометна традиција и капацитет да биде домаќин на натпревари од највисоко европско ниво.
„За мене претставува посебна чест и задоволство што РФМ прави уште еден значаен чекор напред и што, заедно со Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото ЕП 2034. Верувам дека сите три федерации, со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на ЕХФ и успешно да организираат ЕП на највисоко ниво“, изјави Стефанов.
Првиот човек на македонскиот ракомет посебно се осврна на местото што овој спорт го има во Македонија, оценувајќи го како спорт број еден во државата.
„Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така“, потенцира претседателот на РФМ.
Според Стефанов, евентуалното добивање на организацијата би претставувало уште еден голем исчекор за македонскиот ракомет и потврда дека земјава може да биде дел од најголемите настани на европската сцена.
„За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе ја добие довербата и дека во 2034 година, заедно со Србија и Словенија, ќе бидеме успешни домаќини на ЕХФ ЕУРО“, додаде Стефанов.
Србија, Македонија и Словенија во кандидатурата ќе ги понудат расположливите спортски сали, хотелски капацитети и останатата инфраструктура неопходна за организација на едно Европско првенство. Трите федерации во следниот период заеднички ќе работат на подготовка на проектот со кој треба да го убедат ЕХФ дека токму оваа балканско-словенечка кандидатура е најдоброто решение за ЕП 2034. Според претходно договореното, во нашата земја би се играле две групи, а завршницата би се одиграла во Белград.