Валах ја „спушти“ ролетната, Вардар го уништи Нант среде Франција!

Ракометарите на Вардар со фантастично издание во Франција славеше победа над Нант од 33-27 и така ги освои првите бодови сезонава во Лигата на шампионите.

Нант имаше подобар почеток на дуелот и избраниците на Чупиќ во третата минута го постигнаа првиот гол на средбата. Сепак, во продолжение македонскиот шампоион ја презема контролата и на средина од полувремето поведе со „плус четири“ (11-7).

Предноста ја одржуваше Вардар и до паузата, па на полувреме замина со предност од 16-13.

Второто полувреме донесе уште подобра игра на Вардар, Нант како да загуби чекор и не можеше да го следи темпото кое го наметна нашиот претставник. Како што одминуваа минутите, полека стануваше јасно дека Вардар ќе слави сигурна победа.

Иако во еден момент „црвено-црните“ водеа и со девет гола разлика на крајот, Нант успеа барем малку да го ублажи поразот.

Фантастичен на голот беше голманот Валах кој средбата ја заврши со дури 17 одбрани и над 40% успешност на голот. Во нападот одлични беа Љевар со седум гола од девет обиди ,го следеше Јака Малус со шест гола и едно промашување, додека Урош Митровиќ постигна пет гола.

На спротивната страна најефикасни со по само четири гола беа Турченко и Периќ. Вардар пред денешниот натпревар ги загуби шансите за пласман во следната фаза, но сега со триумфот направи услуга на Висла Плоцк и Мелсунген кои се борат со Нант за првите две места во групата.