УЕФА го менува ВАР: Помалку интервенции и крај на „ловењето“ ситни прекршоци!

Европската фудбалска федерација (УЕФА) воведува значајни промени во начинот на користење на ВАР, кои би требало да бидат видливи на европските фудбалски терени уште во текот на новата сезона.

Куќата на фудбалот ја претстави платформата „Clear Line“, првиот детален водич чија цел е прецизно да дефинира кога и на кој начин ВАР треба да интервенира. Најважната порака е дека видео-технологијата во иднина треба помалку да интервенира и да се користи првенствено за исправување јасни и очигледни судиски грешки.

На новата платформа се собрани повеќе од 100 конкретни ситуации и примери, преку кои судиите, фудбалерите, тренерите, новинарите и навивачите ќе можат подобро да разберат зошто во одредена ситуација ВАР треба да реагира, а во друга да остане настрана. Шефот на судиите во УЕФА, Роберто Розети, објасни дека токму прашањето кога ВАР треба да се вклучи било најголемиот проблем од воведувањето на технологијата.

„Главното прашање кое сите го поставуваат е кога ВАР треба да интервенира. Тоа е клучниот проблем. Никој всушност не знае кога треба да се случи тоа. Го искористивме нашето осумгодишно искуство, различните ВАР-ситуации и повеќе од 100 јасни примери за да го создадеме 'Clear Line'“, изјави Розети.

Тој потенцираше дека водичот не е наменет само за судиите, туку за целата фудбалска јавност.

„Ова е документ кој објаснува кога и како ВАР треба да интервенира. Направен е за на сите да им понуди јасни насоки. Не е само за судиите, туку за целиот фудбал – играчите, тренерите, навивачите и новинарите“, додаде Розети.

Поранешниот шпански судија и сегашен инструктор на УЕФА, Веласко Карбаљо, објасни дека платформата ќе овозможи навивачите по натпреварите, на пример во Лигата на шампионите, сами да ги споредуваат спорните моменти со примерите од базата на УЕФА. Најголемата промена, сепак, треба да се почувствува директно на теренот. ВАР повеќе не би требало да „лови“ ситни прекршоци или детали кои не се очигледни при нормално гледање на ситуацијата.

Наместо тоа, УЕФА сака технологијата повторно да се врати кон основната цел поради која беше воведена – да ги коригира само јасните и очигледни грешки на судиите. Новите критериуми ќе почнат да се применуваат уште сезонава во натпреварувањата под капата на УЕФА.