Меси се огласи со емотивно писмо: Болката е огромна, ќе треба време да помине...

 Аргентина не успеа да ја одбрани светската титула, откако во финалето на Светското првенство беше поразена од Шпанија со 1-0. „Гаучосите“ одиграа под своето препознатливо ниво и речиси воопшто не успеаја да создадат вистинска закана пред противничкиот гол.

Првата ѕвезда на Аргентинците, Лионел Меси еден ден по финалето се огласи преку социјалните мрежи и испрати емотивна порака во која изрази и гордост за резултатите кои ги остави со Аргентина.

„Болката е огромна и ќе биде потребно време оваа рана да зарасне. Но, ќе ги паметам сите убави моменти... Натпреварите што ги свртевме во наша корист, борбата и максимумот што го дадовме на секој меч, дуелите кои засекогаш ќе останат во нашите сеќавања, како и поддршката од целата земја. Токму таа поддршка, заедно со трудот и посветеноста на овој тим, нè доведе повторно меѓу најдобрите репрезентации во светот. Денес е тешко целосно да се согледа што постигнавме, но оваа генерација стигна до две последователни финалиња на Светските првенства“, истакна Меси.

Не заборави Меси и да им честита на Шпанците за освоената титула.

„Од срце ви благодарам за секоја честитка и секоја порака. Уште еднаш успеавме да се обединиме како држава и заедно да ја споделиме гордоста што сме Аргентинци. Воедно, сакам да ѝ честитам на Шпанија за освоената светска титула“, порача аргентинскиот ветеран.

Меси не потврди, меѓутоа со оглед на тоа дека има 39 години многу е веројатно вчера да го одигра и својот последен натпревар на светските првенства.