Уште еден македонски репрезентативец го обнови договорот со МЗТ Скопје!

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје продолжува со формирањето на ростерот за новата сезона, откако ја продолжи соработката со репрезентативецот Андреј Маслинко.

Искусниот крилен центар стави потпис на нов едногодишен договор и ќе остане дел од тимот од Аеродром и во натпреварувачката сезона 2026/27. За 29-годишниот кошаркар висок 208 сантиметри ова ќе биде седма сезона во сино-белиот дрес, во кој настапува од 2017 година. Во досегашниот престој во МЗТ Скопје освои три шампионски титули (2019, 2025 и 2026) и три трофеи во Купот на Македонија (2018, 2025 и 2026), а во својата кариера има вкупно четири куп-пехари.

Од клубот очекуваат Маслинко целосно подготвен да ја дочека новата сезона, без здравствени проблеми и да биде еден од носителите на играта во обидот МЗТ Скопје да ги одбрани домашните трофеи, но и да остави што подобар впечаток во настапите во ФИБА Еврокупот и АБА2 лигата.

Претходно клубот ги продолжи договорите со капитените Дамјан и Војдан Стојановски, а во тимот пристигнаа Лука Стојановски, Никола Василевски и босанскиот интернационалец Емир Крајиниќ. Под договор со актуелниот шампион останува и Андреј Андоноски.