Македонија „за влакно“ пак остана без директно место во Лигата на шампионите!

Македонскиот ракометен шампион нема автоматски да обезбеди место во Лигата на шампионите (ЛШ) и за сезоната 2027/28, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави новиот клупски рејтинг на националните федерации.

Македонија се најде на 11. место со коефициент од 30,67, што не беше доволно за влез меѓу десетте најуспешни федерации, чии шампиони директно се пласираат во најелитното европско клупско натпреварување. Последното место кое носи сигурен пласман му припадна на Норвешка, која има коефициент од 34,67.

Рангирањето е пресметано врз основа на резултатите на клубовите во сезоните 2023/24, 2024/25 и 2025/26. Иако Македонија напредуваше за една позиција во споредба со претходната листа, тоа не беше доволно за пробив во ТОП 10. Во изминатите години македонските шампиони сепак играа во елитното друштво благодарение на специјални покани од ЕХФ. За претстојната сезона вајлд-карта доби Вардар, додека во трите претходни сезони истата привилегија ја имаше Пелистер.

ЛШ и во сезоната 2027/28 ќе се игра со 24 екипи, распределени во шест групи со по четири клуба, според новиот формат што стапува на сила од следната сезона. Десет федерации ќе имаат загарантирано место за својот шампион – Шпанија, Германија, Данска, Франција, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Хрватска и Норвешка. Секоја од овие федерации ќе може да аплицира и за уште две вајлд-карти за клубови од Лигата на Европа, при што најмногу осум такви клубови ќе добијат место во Лигата на шампионите. Дополнително, ЕХФ ќе резервира најмногу четири позиции за клубови од федерации без директно загарантирано место, меѓу кои е и Македонија, а преостанатите учесници ќе бидат одредени по одлука на Европската ракометна федерација.

Македонија има две директни места во Европската лига, каде што напредувавме за четири позиции и сега се искачивме на 10 позиција со 33.00 коефициент. Во ЕХФ Европски Куп, пак, за сезоната 2027/28 ќе имаме две загарантирани места, додека останатите тимови ќе треба да бараат вајлд-карта.