Репрезентативецот Љафтов се врати дома – потпиша за Штип УГД!
Искусниот примач, кој повеќе од една и пол деценија е стандарден член и еден од лидерите на македонската репрезентација, по богатата интернационална кариера повторно ќе настапува во домашниот шампионат. Љафтов во текот на кариерата играше за клубови во Македонија, Турција, Србија, Кипар, Египет, Хрватска, Бугарија, Италија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Грција, Унгарија и Кувајт, со што се вбројува меѓу најискусните македонски одбојкари на меѓународната сцена.
Во дресот на македонската репрезентација беше дел од генерацијата што испиша историја со трите последователни настапи на Европските првенства во 2019, 2021 и 2023 година. Покрај тоа, со националниот тим освои и четири сребрени медали во Европската лига и Европската сребрена лига.
Од Штип УГД соопштија дека очекуваат Љафтов со своето искуство, лидерски квалитети и победнички менталитет да биде еден од носителите на играта и да му помогне на клубот во остварувањето на високите амбиции во домашните и меѓународните натпреварувања.