Соборен најстариот пливачки рекорд во историјата – последен од времето на измами!

Канадската пливачка, Самер Мекинтош (19 години), испиша нова страница во историјата на светското пливање, откако на националното првенство во Монтреал го собори најстариот активен светски рекорд во женска конкуренција.

Олимписката шампионка на трката на 200 метри пеперутка исплива време од 2:01,65 минути, со што го надмина досегашниот светски рекорд од 2:01,81, поставен од Кинеската Лиу Зиге во 2009 година. Нејзиниот рекорд опстојуваше речиси 17 години и беше последниот женски светски рекорд поставен во ерата на полиуретанските „супер-костуми“, кои беа забранети од 2010 година поради предноста што им ја даваа на пливачите.

По историскиот настап, Мекинтош призна дека токму овој рекорд го сметала за најнедостижен.

„Уште како дете мислев дека ова е единствениот светски рекорд што никогаш нема да успеам да го соборам. За мене тоа беше еден од најтешките рекорди во пливањето“, изјави канадската сензација.

Мекинтош со ова дополнително ја зацврсти својата доминација во светското пливање. Таа веќе е светска рекордерка и на 400 метри слободно, како и на 200 и 400 метри мешано, а сега во својата колекција го додаде и рекордот на 200 метри пеперутка.