Капело не го сака Манчини: Тоа што го направи не се заборава!

Роберто Манчини повторно ќе ја предводи италијанската фудбалска репрезентација, откако пропадна договорот со Андреа Пирло, кој беше прв избор за селекторската функција.

Веста ја потврди претседателот на Фудбалската федерација на Италија, Џовани Малаго, ставајќи крај на шпекулациите околу тоа кој ќе седне на клупата на „аѕурите“.

„Роберто Манчини е новиот селектор“, изјави Малаго, кој во изминатиот период се соочи со сериозен притисок поради случувањата околу селекторската позиција.

По пропаднатиот договор со Пирло, само десетина дена по нивното именување, од своите функции се повлекоа Леонардо и Паоло Малдини. Раководството брзо реагираше и таму, па за нов технички директор го назначи Клаудио Раниери.

Изборот на Манчини, сепак, не наиде на едногласна поддршка. Легендарниот Фабио Капело јавно порача дека негов фаворит за селекторската позиција бил Антонио Конте.

„Веќе кажав дека мој избор е Антонио Конте, кој заврши одлична работа со репрезентацијата. Добар избор е и Манчини, но тоа што го направи и ја напушти националната селекција само неколку дена пред серијата важни натпревари е премногу голема работа за едноставно да се заборави“, изјави Капело.

Да потсетиме, Манчини претходно неочекувано ја напушти селекторската функција во Италија, а само неколку дена подоцна беше промовиран за нов селектор на репрезентацијата на Саудиска Арабија.