Потврдено: Швајцарија била тешко оштетена против Аргентина (ВИДЕО)

Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ИФАБ), институцијата задолжена за толкување и примена на правилата, објави дополнително појаснување за употребата на ВАР-технологијата на Светското првенство Со ова повторно се актуелизираше една од најоспоруваните судиски одлуки на турнирот.

Во објавеното појаснување ИФАБ нагласува дека ВАР има право да интервенира само кога станува збор за погрешна идентификација на фудбалер кој добил жолт картон, но не и да ја преиспитува или менува самата дисциплинска одлука.

„Жолт картон, кој не е втор жолт картон, може да се прегледува исклучиво за да се утврди идентитетот на играчот кој е казнет. Самиот прекршок не може да биде предмет на преглед ниту на измена“, стои во соопштението од ИФАБ.

Ова толкување повторно го стави во фокус четвртфиналниот дуел меѓу Аргентина и Швајцарија, кој Аргентинците го добија со 3-1. На средбата, судијата најпрво му покажа жолт картон на Леандро Паредес поради прекршок врз Брел Емболо.

По консултација со ВАР беше утврдено дека дошло до погрешна идентификација, па картонот на Паредес беше поништен. Истовремено, Емболо доби жолт картон за симулирање, кој му беше втор на натпреварот, поради што заработи исклучување.

Но, според најновото појаснување на ИФАБ, ваквата постапка не била во согласност со правилата. ВАР можел да интервенира единствено за да утврди дали жолтиот картон му бил покажан на погрешен играч, но не и да ја промени основата за дисциплинската мерка или да донесе нова одлука наместо првичната.