Ивановски го надигра Бугаринот Милев за финале на турнирот во Скопје

Македонскиот тенисер Калин Ивановски се пласира во финалето на турнирот во Скопје, откако славеше со 2-1 во сетови (6-4, 2-6 и 7-5) против Бугаринот Јанаки Милев.

Ивановски направи брејк во седмиот гем од првиот сет за водство од 4-3, по што Милев во следниот имаше дури три брејк-топки, меѓутоа македонскиот тенисер успешно ги одбрани, а потоа сервираше за 6-4.

Голема борба се водеше и на почетокот на вториот сет, а бугарскиот тенисер го скрши отпорот на Ивановски во шестиот гем за 4-2, по што направи уште еден брејк за да го добие сетот со 6-2.

Двајцата тенисери во третиот сет играа без проблеми на свој сервис сè до 10. гем кога Милев имаше две брејк и меч-топки, но не ги искористи на сервисот на Ивановски. Македонецот тоа го казни во следниот гем кога направи брејк  и потоа сервираше за 7-5.

Ивановски во финалето на турнирот во Скопје ќе се бори против победникот од мечот меѓу Владислав Орлов и Стефан Поповиќ.