Пред 16 години го презеде Реал кога беше на врвот, сега доаѓа од дното да си ја спаси кариерата

Извесно е дека Жозе Мурињо наскоро, можеби уште утре, ќе биде претставен како нов тренер на Реал и со тоа ќе го почне својот втор мандат на „Сантијаго Бернабе“.

Првиот го имаше во периодот од 2010 до 2013 година и тој слободно може да се нарече неуспешен бидејќи за три сезони освои само три трофеи, а беше донесен да ја прекине доминацијата на Барселона. „Каталонците“ во тие три сезони ја збогатија колекцијата со вкупно осум трофеи, а уште се памтат катастрофата на Реал на Камп Ноу со 0-5 во првото Ел Класико на Мурињо и 15. бода негатива во однос на каталонскиот тим во неговата последна сезона која ја заврши без пехар. Во таа 2012/13, тренер на Барселона беше Тито Виланова кому тоа му беше прв ангажман како главен тренер во кариерата, а дури и не успеа целосно да ја заврши сезоната поради тешката болест која подоцна му го однесе животот.

Да биде поинтересно, Мурињо во таа 2010 година беше во зенитот на својата кариера, во Мадрид дојде како освојувач на Лигата на шампионите и тројната круна со Интер и сите очекуваа жетвата да ја продолжи со Реал. Не само што тоа не се случи, туку Реал излезе пресвртница во неговата кариера, но на полошо.

Откако си замина оттаму во 2013, не успеа повеќе да се врати во тренерскиот крем, го поминаа сите негови колеги, а успесите можат да се избројат на прсти. Во овие 13 години освои вкупно шест трофеи, само една национална шампионска титула и само еден интернационален пехар и тоа од најслабото натпреварување на УЕФА - Конференциската лига. Во Реал ќе дојде без домашна титула во претходните 11 години бидејќи последната ја освои со Челси во 2015, а трофеи немаше ни со Фенербахче и Бенфика, во релативно слабите првенства на Турција и Португалија.

На клупата на Реал, Мурињо се враќа буквално да си ја спаси кариерата, на 63-годишна возраст бидејќи е јасно дека сега се наоѓа на дното, со четири години без ниеден освоен трофеј. Јасно е дека ќе има на раполагање силен тим кој ќе треба само да го смири и од него да направи колектив и можеби да ја доврши работата со евентуално освојување на титулата во Лигата на шампионите. Но, проблем ќе биде ако претстојната сезона не направи ништо значајно затоа што тоа ќе биде дефинитивен крај за него.