Столевски одбрани четири пенали и ја одведе Шкендија Арачиново во Прва лига! (ВИДЕО)

Шкендија Арачиново му се придружи на Скопје и по голема пенал драма во Кавадарци се пласираше во Првата лига.

Шкендија во најголем дел од дуелот беше подобар противник и создаде повеќе прилики за гол, сепак во првиот дел мрежите мируваа. Резултатот беше отворен по осум минути игра во вториот дел кога Назифи по еден одличен соло продор ја погоди мрежата.

Пелистер голема прилика за израмнување пропушти во 66-тата минута кога капитенот Ивановски застана на белата точка, сепак не реализираше. Прво голманот на Шкендија го одбрани неговиот удар, а потоа лошо шутираше и иако имаше речиси празен гол не ја погоди мрежата.

Голот кој донесе радост за битолчани дојде буквално во последните моменти кога Шкендија се подготвуваше за големо славје, Петар Петковски одлично се снајде и со глава го матираше Столевски за 1-1.

Пенал рулетот донесе вистинска драма, прв кај битолчани промаши Давид Анѓелески во четвртата серија, а потоа не реализираше и Кире Ристевски, но неговиот удар беше повторен, па тогаш погоди. Во следната серија капитенот Нухија пропушти шанса да ја одведе Шкендија во Првата лига за потоа повторно да нема реализација и на двете страни.

Столевски повторно блесна во осмата серија со вкупно четвртиот одбранет пенал на денешниот меч, за потоа Дервиши да погоди за конечна радост на тимот од Арачиново.