Маџари доби огромна казна за историскиот број технички во второто финале со МЗТ!

Екипата на Маџари е казнета со речиси 2.000 евра само поради големиот број технички грешки на вториот меч од финалната плејоф-серија против МЗТ Скопје, што е една од најголемите санкции изречени по пресметките за титулата барем во последните две децении.

Дебитантот во елитата, кој сензационално дојде до шанса дури да се бори и за шампионскиот трофеј, ќе мора да плати 118.400 денари за дури пет технички грешки на тренерот Миодраг Тодоровиќ односно на клупата, како и за таа на репрезентативецот Амар Хот. Доказ за непотребно огромната нервоза во таборот на Маџари е и исклучувачката грешка на службениот претставник, Ангел Тасевски, кој за тоа не е парично санциониран, но доби забрана за вршење должност на следните два меча.

МЗТ Скопје ги доби двете досегашни средби на домашен терен и се најде на чекор до одбрана на титулата, која би била 13-та во клупската историја. Третиот дуел од серијата е закажан за утре (недела) од 19 часот во салата „Наум Наумовски-Борче“ во скопската населба Маџари.