Лицето на Шкендија: Свирежи за жртвите во Кочани, скандирања за голема Албанија, гаѓање судии со скалпел, понижување на химната...

Скандалозното однесување на навивачите и фудбалерите на Шкендија на вчерашното финале од Купот на Македонија е уште една црна дамка која тетовскиот клуб ја остава врз македонскиот фудбал. Непочитувањето кон државата во која живеат и кон граѓаните со кои го делат овој простор со години наназад станува препознатлив белег на нивното однесување.

Не помина многу време откако навивачите на Шкендија, наместо со достоинство да оддадат почит за жртвите од трагедијата во Кочани, со свирежи и националистички скандирања ја згрозија македонската јавност. Недостигот на елементарна емпатија кон жртвите од најголемата трагедија во Македонија ја потврди нивната бесчувствителност и агресивен националистички наратив, покажувајќи отсуство на трошка човечност во нив.

Тогаш Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ) ги казни со играње без публика, но на крајот од сезоната покажа доблест и им овозможи шампионската титула да ја прослават пред своите навивачи. Сепак, вчерашните случувања уште еднаш покажаа дека Шкендија не е клуб кој на добрата волја возвраќа со почит. Напротив, скандалите, тензиите и говорот на омраза остануваат дел од нивниот имиџ.

На тетовци никако не им доаѓа памет иако пред само нешто повеќе од два месеци се случи сериозен инцидент на дуелот со Пелистер, кога од трибините кон судиите долета скалпел. Фудбалската федерација на Македонија тогаш соопшти дека во извештајот на мечот е запишано дека кон официјалните лица во 57.минута бил фрлен скалпел.

Свежи се и сеќавањата на натпреварот меѓу Шкендија и Шкупи, кога тетовскиот клуб приреди вистински хаос за гостинските фудбалери. Имаше нападнати играчи на Шкупи, камења летаа кон теренот за време на натпреварот, беше повреден судија, црномурестите фудбалери на противникот беа расистички навредувани...

Претходно, пред десетина години, кога исто така имаше силно ривалство помеѓу Шкендија и Вардар имаше големи инциденти на стадионот во Тетово, кога навивачите влетаа на теренот сакајќи да поделат своја правда. 

Морбидни сцени имаше и на еден друг натпревар Шкендија-Вардар, кога тетовските навивачи на среде стадион донесоа и ковчег, а илустрираа и гроб на кој пишува „пекол“. Потоа, ковчегот со кој го симболизираа Варадар и имаше лого од клубот исцртан на него, го ставија во илустрирана дупка. 

Низ годините Шкендија стана еден од клубовите кои најмногу профитираа од европските настапи, но ниту еднаш не покажа вистинска почит кон државата преку која ги достигна тие успеси и која им овозможи услови за развој и стабилно функционирање. На бројни европски натпревари од трибините се слушаа националистички скандирања и политички пораки како „Илирида“, „Голема Албанија“ и „УЧК“. Затоа и УЕФА во една прилика изрече остра казна и тетовци мораа да платат 20.000 евра и да затворат цел сектор на стадионот за наредните натпревари од Конференциската Лига. 

Толеранцијата на надлежните институции очигледно не придонесува за смирување на ваквото однесување. Напротив, омразата и провокациите продолжуваат да бидат редовен дел од атмосферата на нивните натпревари, како на европска сцена, така и во домашното првенство.