Шкендија ја чека ригорозна казна од ФФМ - одземање на бодови, суспензија и висока парична глоба!

Фудбалската Федерација на Македонија ќе изрече ригорозни казни за екипата и управата на Шкендија поради одбивањето да ги примат медалите од Купот, како и поради дивеењето на нејзините навивачи пред и за време на финалето со Силекс, кое кратовци го добија со 1-0. 

Дознаваме дека уште вечерва од страна на надлежните органи во ФФМ, ќе биде поведена дисциплинска постапка за непрофесионалното однесување на тетовци, кои не ги примија медалите по наредба на управата на клубот.

Според правилниците на Федерацијата, казните предвидени за ваквото однесување се - од суспензија на сите играчи и официјалните лица на клубот, до одземање на бодови. 

Згора на ова, Шкендија ќе биде драконски казнета парично, поради тоа што нејзините навивачи ја исвиркаа македонската химна пред стартот на мечот, а за време на мечот имаше националистички скандирања и користење на пиротехника. 

Освен овие скандирања, за време на мечот со погрдни пцовки и скандирања беше навредувано и семејството на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ. 

Ова не е првпат екипата на Шкендија да биде иницијатор на вакви инциденти, но ФФМ овојпат е решена најстрого да ги казни сите вмешани во ова злодело кое се случи на скопската Арена.