Камерите снимија сè, а Шкендија се прави луда: Играчите заминале да облечат нови дресови!

Неверојатно е како тетовскиот фудбалски клуб Шкендија се обидува да ја замаи јавноста по огромниот инцидент по финалето на Купот на Македонија, кога одбија да бидат дел од церемонијата на доделувањето на медалите. 

Од Шкендија се обидоа да го објаснат скандалот по финалето, тврдејќи дека клубот „не го одбил примањето на медалите“ и дека целата ситуација била „погрешно интерпретирана“. Иако јавноста виде нешто сосема поинакво.
 
Пополноќното соопштение делува како обид за спас на кожата и избегнување на можна ригорозна казна, отколку како искрено објаснување за случувањата. Бидејќи ако навистина немало намера за бојкот, тогаш зошто сцените по натпреварот изгледаа толку хаотично и демонстративно?
 
Во реакцијата, Шкендија вели дека „ниту еден момент немало намера за непочитување кон организацијата и противникот“, но токму таков впечаток остави целиот настан. Наместо спортски да се прифати поразот и достоинствено да се заврши церемонијата, јавноста виде омаловажување на државата и Федерацијата и потези кои отворија огромен простор за критики.
 
Особено симптоматично е што клубот ја менува реториката, откако веќе почнаа реакциите и најавите дека случајот може дисциплински да се разгледува. Соопштението е напишано кога станува јасно дека скандалот може сериозно да му наштети на угледот на клубот, па затоа и фокусот сега е ставен на објаснувања дека сè било „погрешно сфатено“.
 
Зарем во Шкендија навистина веруваат дека објаснувањето дека "фудбалерите не ја напуштиле церемонијата, туку заминале во соблекувалната да облечат нови дресови", може да им помине во јавноста?