Апсурдна ситуација: Цела Англија ќе навива Астон Вила да загуби во последното коло!

Астон Вила синоќа го освои трофејот од Лига Европа откако го победи Фрајбург со 3-0 во финалето, а овој триумф може на Англија да ѝ донесе шест учесници во Лигата на шампионите, но само под еден услов.

Тоа ќе се случи само ако Астон Вила загуби во последното коло во Премиер лигата, a Ливерпул победи.

Звучи апсурдно, но математиката е јасна. Англија веќе обезбеди дополнително петто место во Лигата на шампионите благодарение на одличните резултати на своите клубови во Европа. А Астон Вила со освојувањето на Лига Европа доби и посебен билет за ЛШ, но проблем настанува ако сезоната ја заврши четврта во Премиер лигата.

Во тој случај нејзиниот европски трофеј нема да влијае Англија да добие уште еден тим во Лигата на шампионите бидејќи како дел од топ четири на Вила ќе ѝ се брои дека се пласирала преку првенството. Со други зборови, Англија би изгубила можност за шести претставник.

За Премиер лигата да има шест клубови, Астон Вила мора да падне на пето место во последното коло. Тие треба да изгубат на гостувањето кај Манчестер Сити, а Ливерпул да го победи Брентфорд на Енфилд и да се качи на четвртата позиција.

Тогаш првите четири клуба би оделе во Лигата на шампионите преку Премиер лигата, Астон Вила како освојувач на Лига Европа, а и шестото место исто така би водело таму благодарение на европскиот коефициент на Англија.

Од таа причина во недела цела Англија ќе навива Астон Вила да загуби од Сити.