Во Охрид ќе има фан-зона пред битката за историско финале со Целје

Екипата на Охрид викендов ја очекува реваншот против Целје во полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп во кој ќе бркаат прво европско финале во клупската историја, а пред овој дуел ќе биде организирана и фан зона за навивачите.

Имено, Охрид преку социјалните мрежи информираше дека фан зоната ќе биде поставена пред салата „Билјанини извори“ со почеток од 16:30 часот.

„Дојдете во фан зоната пред салата  „Билјанини извори“ во сабота, од 16.30ч. до пред почетокот на натпреварот.

Во фан зоната ќе биде отворен и нашиот фан шоп каде што може да набавите дресови, маици, шалчиња и други реквизити од ГРК Охрид“, информираа од Охрид.

Вратите за натпреварот ќе бидат отворени од 17:30 часот, а дуелот е закажан со почеток од 19:00 часот. Ќе потсетиме, Охрид на гости загуби минимално со еден разлика (27-26) и сега со поддршка од домашната публика се надева на позитивен резултат.

„Ова европско полуфинале има големо значење за Охрид. Целје е одличен тим, но ние играме дома и ќе го дадеме нашиот максимум“, најави ракометарот на Охрид, Томислав Јагуриновски.