Револуција на СП 2026: Жолтите картони ќе се бришат и тоа – двапати!

Светското првенство кое стартува за месец и половина (11 јуни) би можело да донесе голема промена во правилата, откако ФИФА разгледува воведување двојна „амнестија“ за жолти картони за време на турнирот.

Опомените за фудбалерите првпат би се бришеле по групната фаза, а потоа и по четвртфиналето, што претставува значајна новина во однос на досегашната практика. Причината за оваа одлука е проширувањето на Мундијалот на 48 репрезентации, што значи повеќе натпревари и поголем ризик играчите да заработат суспензија поради акумулација на жолти картони. Со новиот систем, ФИФА сака да одговори на барањата на селекторите и федерациите, но и да спречи клучни фази од турнирот да бидат решавани без најдобрите фудбалери.

Според предложеното правило, сите жолти картони кои не довеле до суспензија во групната фаза нема да се пренесуваат во нокаут-рундата. Потоа, второ бришење ќе има по четвртфиналето, за играчите кои добиле жолт картон по првите две рунди од нокаут-фазата. Со новиот формат, патот до финалето се зголемува од седум на осум натпревари, поради воведувањето дополнителна нокаут-рунда – осминафинале. Токму затоа, ФИФА смета дека двојното бришење на картони ќе помогне да се зачува квалитетот и неизвесноста во завршницата на турнирот.

Се очекува ова правило да биде официјално усвоено по состанокот на Советот на ФИФА, со што би станало една од најголемите промени во историјата на Светските првенства.

ФОТО: EPA PHOTO