Вардар драстично ослабен против Монпелје - ќе настапи без Малус и Хориха!

Екипата на Вардар вечерва ја очекува сериозен европски тест и тоа во првиот четвртфинален дуел од ЕХФ Европска лига на гости кај францускиот гигант Монпелје (20.45) во кој ќе влезе драстично ослабена.

Во тимот на црвено-црните ќе ги нема Јака Малус и Дмитрo Хориха, двајцата можеби најдобри поединци во тимот предводен од тренерот Иван Чупиќ, што секако ќе биде огромен хендикеп за македонскиот тим. Неофицијално, двајцата поради повреда односно болест останаа во Скопје и нема да бидат во можност да им помогнат на соиграчите на овој исклучително важен дуел.

Инаку, станува збор за дуел на поранешни европски шампиони – „црвено-црните“ се искачија на тронот во Лигата на шампионите во 2017 и 2019 година, додека Монпелје славеше во 2003 и 2018. И двата тима сега изгледаат значително поразлично од тие славни генерации, но традицијата и тежината на дресот остануваат. Извесно новиот македонски првак има солидна европска сезона зад себе, со само два порази во 10 натпревари – по еден во секоја фаза, меѓу кои и минималниот пораз од Кристијанштад. Од друга страна, Монпелје до четвртфиналето стигна убедливо, елиминирајќи го Елверум со вкупни 67-59.

Французите сезонава имаа проблеми само против германските гиганти Кил и Фленсбург, што дополнително говори за нивниот квалитет. Сепак, Вардар има позитивно сеќавање од последната меѓусебна пресметка во 2022 година, кога славеше на гостински терен. Иако Монпелје на хартија е фаворит, особено поради поширокиот ростер и искуството, но и поради неиграњето на двајцата вардарци, тимот на Вардар ќе се обиде да ја потврди одличната форма на домашната сцена, без пораз во плеј-офот и со високо ниво на самодоверба.

Првиот натпревар во Франција ќе биде вистински тест за карактерот на македонскиот состав, кој ќе се обиде преку дисциплина, цврста одбрана и трпелив напад да остане во игра за полуфинале. Реваншот е закажан во Јане Сандански на 5 мај, каде веќе половина од капацитетот е распродаден.