Конте разочаран од Лукаку: Дојде, а не се ни поздрави...

Тренерот на Наполи, Антонио Конте, изрази разочараност од однесувањето на својот фудбалер Ромелу Лукаку, кој по враќањето од рехабилитација во Белгија не се поздравил со него во тренинг-центарот.

Наполи славеше убедлива победа од 4-0 против Кремонезе во Серија А, а по натпреварот Конте беше запрашан дали имал разговор со Лукаку. Белгискиот напаѓач доби дозвола од клубот да се опоравува од повредата на тетивата во татковината, а по враќањето во Италија се појавил во тренинг-центарот, каде што се сретнал со клупските директори, но не и со Конте. 

„Знам дека еден од нашите директори разговарал со него, дојде во тренинг-центарот, мојата канцеларија е токму таму... но никој не тропна на врата. Тоа навистина ме разочара, бидејќи очекував поздрав, порака или нешто слично. Во вакви ситуации тренерот се обидува да ги разбере сите, но никој не се труди да го разбере тренерот“, изјави Конте.

Лукаку од август се мачи со повреда и оваа сезона одигра само седум натпревари, а последниот настап го имаше во март. Италијанските медиуми пишуваат дека напаѓачот напорно тренира за да покаже дека целосно се опоравил.

Неговиот договор истекува следното лето, а Лукаку има јасна цел да ја спаси сезоната и да обезбеди место во репрезентацијата на Белгија за настап на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.