Саудијците го избркаа човекот кој двапати ги однесе на Мундијал!

Селекторот на Саудиска Арабија, Ерве Ренар, доби отказ на помалку од два месеци пред почетокот на Светското првенство.

По отказот Французинот се огласи со изјава во која не го криеше разочарувањето.

„Таков е фудбалот. Саудиска Арабија се квалификуваше на Светското првенство седум пати, а двапати со мене“, истакна Ренар.

Тој ја водеше репрезентацијата од 2019 до 2023 година, а потоа повторно се врати на клупата кон крајот на 2024 година, откако Роберто Манчини доби отказ.

Инаку, Ренар е последниот селектор кој успеал да ја победи Аргентина на Светските првенства. Саудијците под негово водство славеа со 2-1 во групната фаза од првото коло на последниот Мундијал на кој Аргентинците подоцна стигнаа и до титулата. 

Договорот на Ренар важеше до крајот на Светското првенство, но челниците на саудискиот фудбал се одлучија за предвремен раскин, а ќе немаат многу време да изберат негов наследник.