Ракометарите денеска ќе ги дознаат противниците во квалификациите за ЕП 2028!

Погледите на спортска Македонија вечерва се насочени кон фудбалскиот бараж во Копенхаген, но неколку часа претходно, вниманието за момент ќе се префрли и кон ракометната сцена, со оглед што избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе ги дознаат противниците во квалификациите за Европското првенство 2028.

Ждрепката ќе се одржи во Лисабон ( 18 часот), а Македонија ќе влезе од вториот шешир. Тоа значи дека во квалификациската фаза ќе избегне дуели со селекции како Србија, Италија, Фарските Острови, Полска, Холандија, Австрија и Чешка – кои се потенцијални ривали од истиот ранкинг. Новата квалификациска приказна започнува на 5 ноември 2026 година, додека последното, шесто коло ќе се одигра на 9 мај 2027.

Според пропозициите, пласман на ЕП 2028, кое ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија, ќе обезбедат првите две селекции од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани репрезентации. Во таа дополнителна пресметка нема да се земаат предвид резултатите против последнопласираните во групите.

РАСПОРЕД НА БАРАБАНИТЕ

БАРАБАН 1: Хрватска, Франција, Германија, Унгарија, Исланд, Норвешка, Словенија, Шведска.

БАРАБАН 2: Македонија, Австрија, Чешка, Италија, Фарски Острови, Холандија, Полска, Србија.

БАРАБАН 3: Белгија, БиХ, Грузија, Грција, Литванија, Црна Гора, Романија, Украина.

БАРАБАН 4: Естонија, Финска, Израел, Косово, Летонија, Луксембург, Словачка, Турција.