Владата на Сенегал се вмеша во епскиот преседан, обвинија за голема корупција!
Сенегал пред два месеци во големото финале во Рабат славеше со 1-0 по продолженија. Сепак, Мароканците поднесоа жалба со образложение дека сенегалските фудбалери го напуштиле теренот во самиот финиш од натпреварот, по што конфедерацијата донесе контроверзна одлука за трофејот да го додели на Мароко со службен резултат 3-0.
Фудбалската федерација на Сенегал претходно најави дека правдата ќе ја бара пред Меѓународниот суд за спортска арбитража во Лозана, додека репрезентативците порачаа дека тие се вистинските шампиони и нема да ги вратат медалите и пехарот.
Ситуацијата дополнително се заостри откако и Владата на Сенегал побара „независна меѓународна истрага“ поради сомнежи за корупција во врвот на африканскиот фудбал.
Во официјалното соопштение, оваа одлука е оценета како „преседан од исклучителна тежина“, кој се темели на „очигледно погрешно толкување на прописите, што довело до грубо незаконска и длабоко неправедна одлука“.
„Сенегал недвосмислено го отфрла овој неоправдан обид за одземање на титулата“, порачаа властите.