Хрватска бурлеска: Ќе го тужат играчот на ривалот зашто им го скршил кошот!?

Драматична сцена од натпреварот помеѓу Кварнер и Сплит во која при забивањето на Демаје Вигинс се урна кошот во салата и денеска е тема на медиумите во регионот, а пристигнаа и реакции од Хрватска. 

Според последните информации кои го објави „Нови лист“ домаќините планираат тужба за кошаркарот бидејќи како што велат „несоодветно се однесувал“, односно непотребно висел на обрачот.

„Во осум години откако сум директор сме немале ваква ситуација. Ова се случи поради несоодветно користење на кошот. Ако некој се обесува на обрачот на тој начин, многу е можно да дојде до вакво нешто, особено со оглед на неговата тежина“, изјави Игор Буторац, директорот на од таборот на домаќините.

На прашањето дали постои можност кошот да не бил доволно добро прицврстен, Буторац категорично ја отфрли таа опција.

„Активно ја проверуваме целата опрема. Нашите луѓе кои работат во салата со години го прават тоа и ја знаат работата. Исклучувам каква било можност дека станува збор за наш пропуст“, додаде тој.

Буторац најави дека клубот ќе ги разгледа и правните чекори, односно ќе бара обесштетување од КК Сплит за нанесената штета на опремата.

„Во текот на следната недела ќе направиме дополнителни тестирања за да утврдиме што точно се случило“, заклучи директорот.