МЗТ ќе мора да го растури Широки на гости ако сака плејоф во АБА2!

ТФТ не му направи услуга на МЗТ Скопје, па македонскиот шампион ќе има исклучително тешка задача на 10 март, на гостувањето кај екипата на Широки.

Ако сака да го продолжи својот пат во АБА 2 лигата, тимот од Аеродром ќе мора не само да го победи Широки, туку тоа да биде со најмалку 15 поени разлика. На тој начин би ја надминал Јахорина која има најлоша кош-разлика од сите екипи кои се со биланд 5/3, колку што би имал и МЗТ Скопје ако победи.

Тоа ќе биде исклучително тешко бидејќи Широки е најдобар тим во досегашниот дел од сезоната во АБА 2, со само еден пораз на седумте одиграни натпревари, од Сутјеска уште во првото коло. Позитивна околност е тоа што тој пораз, босанскиот тим го доживеа на домашен терен, но сега Широки ќе има дополнителна мотивација да триумфира затоа што на тој начин ќе го исфрли од конкуренција МЗТ Скопје кој му е директен ривал за пласман во АБА лигата. За македонскиот шампион ќе биде уште потешко ако не игра Војдан Стојановски кој доживеа повреда на задната ложа во Баку и многу веројатно ќе мора да паузира во следниот период.

АБА 2 оваа сезона го смени системот на натпреварување и го презеде оној од фудбалската Лига на шампионите, само не ги имплементира и правилата, па прв критериум по кој се гледа кој ќе биде подобро пласиран е меѓусебниот дуел иако секоја екипи игра само против седум ривали.