Куманово слави - домаќинот ја продолжува борбата за трофеј

По безмалку 2,5 часа жестока борба, многу прекини и едно напуштање на теренот, екипата на МКК Куманово го комплетираше квартетот полуфииналисти во Купот на Македонија.

Домаќинот на турнирот беше подобар од Пелистер со 75-66 и утре против ТФТ ќе се обиде да стигне до големото финале, првпат во својата кратка историја. Натпреварот беше решен во последната четвртина во која МКК Куманово прими само десет поени, направи пресврт и го скрши отпорот на противничкиот тим.

Претходно, главно Пелистер го диктираше темпото, но неговата предност никогаш не надмина шест поени. Толку беше кон средината на втората четвртина (36-30), а и на минута пред крајот на третиот период (56-50). МКК Куманово почна да го прави пресвртот кон средината на последниот квартал, а клучна беше серијата од 9-0 по која од нерешен резултат, домаќините отидоа на 73-64. По реализациите на Вилсон и Николиќ повторно беше +9 за МКК Куманово, а во последните две минути немаше поени на двете страни, ситуација што му одговараше на домашниот тим кој рутински ја задржа својата предност и дојде до победата.

Тврдиот и неатрактивен натпревар како најефикасен играч го заврши Урош Луковиќ кој постигна 20 поени со седум скока. Малешевиќ постигна 22 за Пелистер, но битолскиот тим останува и оваа година без трофеј во Купот на Македонија.