Од Шкупи се откажаа и - Шверцерите!

Екипата на Шкупи поминува низ еден од најлошите периоди во својата историја и сезонава само чудо ќе ги спаси од испаѓање бидејќи проблемите кои ги следат од почетокот продолжуваат и во вториот дел.

Имено, викендов почнува пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, а популарните „Шверцери“  преку соопштение порачаа дека додека не се променат работите во клубот нема да присуствуваат на натпреварите.

Главното барање на навивачите е клубот да се префрли од сопственикот, Јасин Коњали на новиот кој засега има функција само на „вршител на должност“.

„На заедничкиот состанок одржан во понеделникот, групата навивачи „Шверцери“ донесе одлука, сè додека не се разјаснат одредени прашања, да нема организирани активности и поддршка на натпреварите на ФК Шкупи. Врз основа на искуствата од минатото, како и на неколку актуелни случувања и информации изразуваме сериозна загриженост околу функционирањето на клубот. 

– Немаме ништо против Беким Бафтијари, кој ја презеде организацијата на клубот, меѓутоа сè додека како сопственик на клубот сè уште фигурира името на Јасин Коњали, како и поради враќањето на одредени сомнителни лица од есенскиот дел од сезоната, нашите загрижености остануваат.

– Во моментот кога сопственоста официјално ќе биде префрлена од поранешниот на новиот сопственик, подготвени сме за разговори и за целосна активација на сите наши капацитети со цел враќање на клубот таму каде што му е местото.

– Во ниту еден момент нема да го попречуваме функционирањето на клубот.

– Ги повикуваме сите „Шверцери“ да ја зачуваат смиреноста и на никаков начин да не му нанесат штета на клубот“, стои во соопштението.

Шкупи по првиот дел од сезоната е последен на табелата со само еден освоен бод.