„Српскиот“ Денвер за херој на денот прогласил војник кој убивал Срби во Косово (ФОТО)

Раководството на Денвер Нагетс предизвика бурни реакции кај српските навивачи ширум светот поради сериозен пропуст за време на настанот официјално промовиран како „Вечер на српското наследство“, одржан на полувремето од завчерашниот дуел против Оклахома сити.

Наместо прослава на културниот идентитет на српската заедница, на големиот семафор во салата беше прикажан војник кој учествувал во НАТО-кампањата на Косово, а истиот дури беше претставен како „херој на вечерта“. Овој потег беше оценет како крајно непримерен и навредлив. Додека српската заедница беше повикана да го слави своето потекло, историја и култура, истовремено ѝ беше презентиран учесник во воена интервенција, која остави длабоки и болни последици врз Србија. НАТО-бомбардирањето започна на 24 март 1999 година и траеше 78 дена.

Дополнителна тежина на случајот му дава фактот што ваквата содржина не била прикажана случајно, туку како дел од официјалната програма на клубот, што директно ја префрла одговорноста врз раководството на Денвер Нагетс. Потегот е уште посензитивен ако се земе предвид дека најголемата ѕвезда на тимот, Никола Јокиќ, во моментот на бомбардирањето имал само четири години. Наместо „Вечерта на српското наследство“ да биде можност за афирмација на спортот, заедништвото и позитивните вредности, настанот беше обележан со чин кој значаен дел од српската јавност го доживеа како отворена провокација.