Натпревар на годината за македонската репрезентација: Португалија мора да падне!

По очекуваниот пораз од Данска во првото коло, македонската ракометна репрезентација денеска го игра најважниот натпревар на Европското првенство.

Дуелот против Португалија (18 часот) ќе одлучи која ќе биде втората селекција, покрај Данска, што ќе се пласира во главната фаза од континенталниот шампионат. Македонија нема друг избор освен да победи бидејќи со пораз завршуваат сите надежи дека конечно повторно ќе игра значаен дел од Европско првенство. Нерешен резултат ја остава репрезентацијата во игра, но така ќе треба да ја победиме Романија со седум разлика што би бил голем предизвик.

Португалија е фаворит според сите прогнози, најмногу поради тоа што ја има најсилната генерација во својата историја. Минатата година на Светското првенство го освои четвртото место и за малку остана без медал, пред две години беше седма на европскиот шампионат, а во 2021 година оствари историски пласман на Олимписските игри каде беше деветта. Подемот на ракометот во Португалија е евидентен и според резултатите на клупско ниво бидејќи Спортинг игра значајна улога во Лигата на шампионите, а најголемиот дел од играчите таму се домашни.

Без разлика на сето ова, македонската репрезентација вечерва мора да се надмине и да дојде до победата која ќе ја остави во игра за пласман во следната фаза. Таму не била од 2018 година кога го освои 11. место, а на последните три континентални шампионати оствари само две победи на вкупно девет натпревари.