Серијата на Барса во опасност - во Сан Себастијан без најдобриот играч

Со 11 победи во низа, Барселона вечерва му гостува на Сосиедад во едно од најтешките гостувања во вториот дел од сезоната во Ла Лига.

Каталонскиот клуб е безмалку два месеца без пораз, од 25 ноември кога загуби од Челси во Лигата на шампионите и како резултат на тоа изби на челната позиција на табелата, го освои Суперкупот и стигна до четвртфиналето од Копа дел Реј. Сепак, серијата денеска е во опасност бидејќи во Баскија екипата ќе замине без најдобриот играч во моментов Рафиња.

Пред неколку дена имаше информации дека Бразилецот играл повреден и во Суперкупот каде блескаше со четири гола на два меча, но очигледно болките се толку големи што не е во можност вечерва да им помогне на другарите. Рафиња има повреда на задната ложа и не отпатува за Сан Себастија, па Барселона без него ќе мора да бара продолжување на победничката серија и мошне важни бодови во борбата за шампионската титула.

Рафиња сезонава веќе пропушти девет натпревари бидејќи не играше во периодот од 28 септември до 9 ноември и во тој период Барселона оствари неколку лоши резултати, како поразите од ПСЖ во Лигата на шампионите и Севиља и Реал во Ла Лига. Победничката серија почна откако тој се врати во полна форма што доволно зборува колку е важен за екипата на Барселона.