Лејкерс се „селски тим“ без Дончиќ, Мајами ја прекина серијата на шампионот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Мајами Хит ја прекинаа победничката серија на актуелниот шампион Оклахома Сити Тандер (122-120), откако славеа во меч со драматичен финиш во кој Ендру Вигинс ја погоди клучната тројка за конечен резултат на 30 секунди до крајот.

„Громовите“ имаа две шанси да се вратат – најпрво Чет Холмгрен промаши забивање по алеј-уп додавањето на Алекс Карузо, а потоа и самиот Карузо не беше прецизен од далечина три секунди пред крајот. Иако Тандер водеа во поголемиот дел од мечот и имаа плус 12 во втората четвртина, тимот на Ерик Споелстра се врати во второто полувреме. Бам Адебајо беше лидер на Мајами со 30 поени и 12 скока, при што погоди шест тројки – рекорд во неговата кариера. Норман Пауел додаде 19, Пеле Ларсон 16, а Вигинс заврши со 15 поени. Кај Оклахома, Шеј Гилџис-Александар постигна 39 поени – негов 113-ти последователен натпревар во регуларната сезона со најмалку 20 поени.

Продолжува, пак, кризата кај ЛА Лејкерс – само една победа на последните пет меча и нов пораз, овојпат од Портланд Трејл Блејзерс (116-132). Без Лука Дончиќ, „езерџиите“ паднаа на шестата позиција на табелата. Шејдон Шарп беше нерешлива енигма со 25 поени и клучни потези во финишот. Џереми Грант и Кејлеб Лав додадоа по 22 поени за Портланд, кој победи во седум од последните девет натпревари. Кај Лејкерси, Маркус Смарт постигна 25 поени, но поради проблеми со движењето го напушти теренот во четвртата четвртина и не се врати. Леброн Џејмс заврши со 20 поени, 9 скока и 8 асистенции, додека Дру Тим додаде 21 поен од клупата.

Дончиќ, кој сезонава има просек од 33,6 поени, не настапи поради болка во препоните. Тренерот Џеј Џеј Редик изјави дека магнетната резонанца е чиста и дека Словенецот отсуствува превентивно. Лејкерси беа и без Деандре Ејтон, кој се опоравува од повреда на коленото. Портланд, пак, и натаму е без најдобриот стрелец Дени Авдија, кој поради проблеми со грбот ја пропушти третата последователна средба.

РЕЗУЛТАТИ: Далас – Јута 138-120, Атланта – Бостон 106-132, Детроит – Индијана 121-78, Њујорк – Феникс 99-106, Мајами – Оклахома 122-120, Сан Антонио – Минесота 126-123, Голден Стејт – Шарлот 136-116, Денвер – Вашингтон 121-115, Портланд – ЛА Лејкерс 132-116.